Македонскиот актер Кирил Поп Христов-Кили починал во Еквадор на 58-годишна возраст, потврдува пријател на семејството за САКАМДАКАЖАМ.МК. Веста за неговата смрт, според објавата, на неговите браќа во Скопје им ја соопштила сопругата Гордана Деан Поп-Христова.
Кили се преселил во Еквадор во 2014 година, иако и по заминувањето често престојувал во Скопје. Според објавените информации, последната година и пол ја минал токму во Еквадор.
Роден е на 30 јули 1967 година во Скопје, а дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во класата на професорот Љубиша Георгиевски. Од 1993 до 2014 година беше дел од Македонскиот народен театар, каде остави препознатлив печат со својата актерска игра.
Публиката ќе го памети по улогите во филмовите „Панкот не е мртов“, „Бал-кан-кан“ и „Тетовирање“, како и по настапите во театарските претстави „Ослободување на Скопје“, „Ревизор“, „Народен пратеник“ и многу други. Со неговото заминување, македонската културна сцена останува без уште едно препознатливо име.


















