Министерот за култура, Зоран Љутков, присуствуваше на затворањето на јубилејното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“, кој и оваа година ја потврди својата светска вредност и огромно значење за македонската култура.

Фестивалот заврши со европската премиера на претставата „Приказната на Електра“ – дело на Сашо Димоски во режија на Дејан Пројковски, изведено во копродукција со Театарската асоцијација на Јужна Кореја, АРТЕМА и НУ „Охридско лето“.

Преку визуелни слики, говор на телото и минимален јазичен текст, претставата го оживеа митот за Електра, отворајќи прашања за семејството, општеството и потребата од катарза. Љутков истакна дека ова беше навистина незаборавна вечер и моќна завршница на еден од најзначајните фестивали во Македонија.

„Охридско лето“ и оваа година блесна во полн сјај, докажувајќи дека културата е најсилниот мост што ја поврзува Македонија со светот,“ порача министерот.


