ПРВ.мк
Македонија

Со љубов и без пари: Крушево ја обновува улицата на Тоше преку заедничка иницијатива

Со љубов и без пари: Крушево ја обновува улицата на Тоше преку заедничка иницијатива

Улицата што го носи името на македонската музичка легенда Тоше Проески повторно доби живот благодарение на иницијативата на неговиот близок пријател Стерули Штерјовски и поддршката на граѓаните. Некогашното живописно место полно со музика, фотографии и цвеќе, кое со текот на времето стана запуштено и тивко, сега повторно пулсира со топлината и духот на Тоше.

„Некогаш улицата живееше со душа – се слушаше музика, се гледаа фотографии, имаше цвеќе, се чувствуваше топлината на човекот по која го носи името. Затоа повикувам – да ја оживееме со љубов, со спомени, со мал гест кој ќе покаже дека не сме го заборавиле. Да ја направиме место каде што срцето повторно ќе чука во ритамот на Тоше“, истакна Штерјовски, чиј повик наиде на голем одзив од крушевската заедница.

На иницијативата се приклучија неговиот братучед Андреј Николовски и останатите пријатели на Тоше. Една обожавателка донесе саксии со борови дрвца и цвеќиња, а нови фотографии, подарени од фотографот Горан Десковски, ќе бидат поставени по целата улица. Каблите за звучниците кои беа скинати беа оспособени, и повторно се слушаат песните на Тоше, создавајќи магична атмосфера за сите минувачи.

Скалите на улицата се бојадисуваат според идеја на професорот Емил Солевски од крушевската гимназија „Наум Наумовски Борче“. Деца од различни возрасти, веќе со искуство од претходни уметнички активности во Крушево, со голема љубов го реализираат овој проект, под водство на професорките Надица Нане и Зорица Чавкаровска. Поддршка имаше и од градоначалникот, а Кристина Арнаудова ја обезбеди бојата за скалите.

„Таква е силата на Тоше. Тој не обедини сите и од сите страни“, додаде Штерјовски, нагласувајќи како љубовта и почитта кон пејачот ги поврза луѓето од Крушево и пошироко, враќајќи го духот на улицата во живот.

Escape