Сè поголем број македонски граѓани работат во странство, но редовно се враќаат дома, најчесто за летниот период и за празниците како Нова година и Божиќ. И покрај тоа што голем дел од годината поминуваат во странство, нивната врска со родниот крај останува силна, преку имот, семејство и пријатели.
Живеењето на релација има значителни предности. Луѓето можат да заработат повеќе, да патуваат, да си дозволат подобар животен стандард и луксуз што во Македонија би било недостижно. Роднините во земјата се грижат за имотите, плаќаат режиски трошоци и ги одржуваат живеалиштата, додека тие заработуваат во странство.
„Предност се повисоките плати, можат да купат автомобил, куќа или стан и да одат на луксузни одмори. Роднините ги надгледуваат имотите, а за документи овде чекањето е долго. Младите тоа не сакаат да го трпат, но живеењето на релација има и предности и маани“, објаснува еден делчевец.
Според друг граѓанин од Виница кој работи во Чешка, таму има добри приходи, но социјалниот живот е послаб: „Живеам во Прага, таму има пари, а во Македонија има живот. Во фабриката работам цел ден, но тука со заработените пари животот е поубав. Со македонските плати само се преживува. Овде имам сопруга, таа ги плаќа сметките и одржува имотот, па немам грижи“.
Македонците кои работат во странство своите одмори и враќања дома планираат неколку месеци однапред. „Предност е што заработуваат побрзо, но животот не им е подобар. Ако треба нешто вонредно, мораат да најдат замена за да дојдат дома“, додава Ѓорѓи Џабирски од Делчево.
Хрватска е една од популарните дестинации, блиска и со лесна транспортна поврзаност. Македонците таму ја ценат можноста да запознаат нова култура, да стекнат пријателства и да патуваат организирано во групи. Според Македонско-хрватското друштво од Тетово, околу 18.000 македонски граѓани работат во Хрватска.
Статистиките покажуваат дека Германија е главната дестинација, но значителен број Македонци заминуваат и во Швајцарија, Италија, Австрија, Словенија, Белгија, а дел од населението се преселува дури и во Австралија.
Живеењето на релација меѓу Македонија и странство нуди можност за повисоки приходи и нови искуства, но носи и предизвици како одржување на семејните и имотните обврски и баланс помеѓу работа и личен живот.