Министерот за култура, Зоран Љутков, синоќа присуствуваше на големата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, во рамките на меѓународниот фестивал Охридско лето, каде ја проследи премиерата на уникатен копродукциски проект. Претставата е резултат на соработка меѓу НУ Драмски театар Скопје, Белградски драмски театар, Градски театар Љубљана и ЈУ „Град театар“ Будва.

„Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме, своето не го даваме“ ја носи автентичната форма на комедијата, но со свеж пристап кој ја издвојува од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ. Министерот посочи дека особено значајно е тоа што претставата е посветена на петгодишнината од смртта на Јовановиќ, еден од најзначајните драматурзи на просторот на поранешна Југославија.

Љутков оцени дека ова беше незаборавно театарско доживување, кое ја потврдува континуираната грижа на Министерството за култура за развој и поддршка на театарската уметност, како и за јакнење на меѓународната соработка во областа на културата.




