ПРВ.мк
Економија

Цариници, шпедитери и полицајци вмешани во увоз на возила без плаќање царина

Цариници, шпедитери и полицајци вмешани во увоз на возила без плаќање царина
Kristal

Царината оваа година поднела 174 кривични пријави, од кои 26 се за сторени кривични дела поврзани со 90 возила. За овие случаи е заедничко грубото кршење на законските прописи, при што се вмешани царински службеници, шпедитери, увозници, нотари и полициски службеници. Се изработувале фалсификувани документи, а возилата се пуштани во слободен промет без целосно плаќање на царина и други увозни давачки, или со делумно плаќање, соопшти директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.

Истрагите резултираа со зголемена наплата на приходи од увоз на возила. Анализата за октомври покажува најголем пораст на наплатени приходи токму од оваа категорија, а кумулативно, приходите од увоз на возила се на второ место по приходите од увоз на тутун.

– Во октомври, Царината наплатила 12,05 милијарди денари (196 милиони евра), што е за 11,4 милиони евра повеќе од лани, со најголем пораст од 16,6% во царинските приходи – истакнува Николовски.

Директорот нагласува дека зголемените контроли, подобрената институционална соработка и партнерскиот однос со компаниите се клучни за порастот на наплатата. Резултатите се препознаени и од Европската комисија, која во својот извештај го истакнува напредокот на Царинската управа во поглавјето „Царинска унија“.

– Од почетокот на годината, заклучно со октомври, наплативме приходи од 1,77 милијарди евра, за 89,4 милиони евра повеќе споредбено со лани. Овие средства значат повеќе пари за болници, училишта и инфраструктура – нагласува Николовски.

Тој додава дека успехот е резултат на јасна визија, добро поставен тим и зацртани цели, кои прават резултатите видливи и мерливи.

Escape