На небото над северна Белгија и Холандија две вечери по ред беше забележана поларна светлина, предизвикана од сончеви бури кои ослободуваат наелектризирани честички од Сонцето кон Земјата.
На социјалните мрежи се појавија фотографии од небото обојано во розова светлина, што е необично во споредба со вообичаената зелена боја на поларната светлина.
Експерти за телевизијата ВРТ објаснуваат дека бојата на поларната светлина зависи од тоа колку длабоко наелектризираните честички продираат во земјината атмосфера. Дополнително, човечките очи се многу почувствителни на зелената светлина, па затоа таа почесто се забележува отколку розовата.
Причината за појавата на оваа светлина е масивна експлозија на Сонцето од пред неколку дена, која предизвикала сончеви бури. Првите наелектризирани честички се судриле со атмосферата во вторникот вечерта, создавајќи ја необичната светлосна појава.
Вообичаено, поларната светлина се јавува на небото во рамки на Поларниот круг, но во последниве години ваквите светлосни феномени се забележуваат и јужно од оваа линија.
Активностите на Сонцето циклично достигнуваат врв на секои 11 години, а моментално се во полн ек.

















