Британскиот Канал 4 го објави документарецот „ДНК-та на Хитлер: Планот на диктаторот“, во кој генетичарката Тури Кинг и нејзиниот тим за прв пат го анализираат генетскиот материјал за кој тврдат дека потекнува директно од Адолф Хитлер.
Примероците, земени од крвава дамка на каучот каде што се самоубил, покажуваат неочекувани резултати за физичкиот и психолошкиот профил на нацистичкиот лидер. Анализата се темели на ткаенина исечена во мај 1945 година и потврдена преку Y-хромозомот на жив роднина.
Студијата открива дека Хитлер носел мутација во генот proc2, поврзана со синдромот Калман, кој влијае на сексуалниот развој. Ова може да објасни неспуштен тестис и ниско ниво на тестостерон, а според научниците, постои околу 10% веројатност за микропенис.
Сепак, експертите истакнуваат дека генетиката сама по себе не ја објаснува суровоста на Хитлер или неговите злосторства. Тие предупредуваат дека предиспозициите за антисоцијално однесување не значат автоматски дека личноста ќе дејствува злонамерно – воспитувањето, социјалниот контекст и околината се клучни.
Документарецот ги руши и старите митови за потеклото на диктаторот. ДНК анализата потврдува дека Хитлер немал еврејско потекло, туку австриско-германско. Исто така, генетските траги укажуваат на зголемена предиспозиција за нарушувања на аутистичниот спектар, шизофренија и биполарно растројство – но експертите нагласуваат дека ова е само статистичка проценка, а не медицинска дијагноза.
Професорката Тури Кинг нагласува: „ДНК е само едно парче од сложувалката. Злото не може да се прочита од геномот.“
Документарецот отвора ново поглавје за тоа како генетиката и животните околности го обликувале еден од најозлогласените лидери во историјата, но истовремено потсетува на претпазливо толкување на научните наоди.
















