Директорот на Пензискиот фонд, Никола Мемов, во гостување во магазинот „Трилинг“ најави дека пензиите во Македонија ќе се зголемат во септември согласно законското усогласување, кое годинава ќе изнесува од 3 до 5 проценти. Дополнително, во март 2026 година предвидено е и линеарно покачување од 1.000 денари за сите пензионери.
Според Мемов, оваа мерка не е популизам, туку резултат на барање на самите пензионери. Тој објасни дека проектираниот буџет за 2025 година веќе бил поставен на усогласување од околу 4 проценти, но наместо процентуално зголемување, државата решила средствата да ги подели рамномерно – по 1.000 денари за секој пензионер. Ова, според него, е социјално и економски оправдано, бидејќи инфлацијата и зголемувањето на трошоците ги погодуваат сите подеднакво.
Во изминатиот период, вкупното зголемување на пензиите достигнало 25 проценти. Мемов потенцира дека разликите меѓу пензиите се резултат на уплатите за време на работниот век, но сите каскања поради инфлацијата мораат да се амортизираат со ист пристап кон сите пензионери.
Во однос на стабилноста на ПИОМ, Мемов категорично истакна дека пензиите се безбедни, бидејќи исплатата ја гарантира Владата. За 2026 година предвидени се околу 152–153 милијарди денари буџет, а само за редовна исплата на пензии и здравствено осигурување се планирани 63 милијарди денари. ПИОМ, нагласи тој, нема ниту една неплатена фактура и моментално е во „одлична финансиска кондиција“.
Мемов откри и дека се размислува за можност пензионерите да заработуваат дополнително, особено каде што недостига стручен кадар. Приватниот сектор, според него, е подготвен да финансира вакви ангажмани, а придонесите од дополнителната работа би се уплаќале на лична сметка, без влијание врз висината на пензијата.
Во делот на кадровската политика, Мемов призна дека ПИОМ со години бил под силно влијание на партиски вработувања, посебно од страна на ДУИ, наведувајќи дека ситуацијата по неговото доаѓање била дисбалансирана – филијали на западот биле преполнети со кадар, додека во Прилеп, Битола, Штип и други градови имало само по неколкумина вработени. Овој дисбаланс, според него, е резултат на тоа што ДУИ две децении управувала со институцијата.
Во политички контекст, Мемов повтори дека не постои конфликт меѓу партнерите во Владата – ЗНАМ, Вреди и ВМРО-ДПМНЕ – и дека изборните резултати на локалните избори биле постигнати токму преку меѓусебна поддршка.
Тој најави дека ПИОМ во следната година ќе подготви сериозна анализа со математички модели за одржливоста на системот на долг рок, изработена со поддршка на Светска банка, со што ќе се утврди во каква состојба е пензискиот модел и што е потребно за негова стабилизација во иднина.
















