Рускиот МНР жестоко одговори на најновите ставови на Европската Унија за можен мировен договор во Украина. Портпаролката Марија Захарова објави на Телеграм дека условите на ЕУ се „апсурдни“ и притоа ја обвини Унијата за двојни стандарди, историско лицемерие и „потполно губење контакт со реалноста“.
Захарова истакна дека Урсула фон дер Лајен, по состанокот со европските лидери, ги изложила условите за мир – меѓу кои е и ставот дека границите на државите не можат да се менуваат со сила. Рускиот одговор беше остар: Захарова потсети на Косово, тврдејќи дека Западот бил тој што „насилно ги прекроил границите на Србија, спротивно на волјата на српскиот народ“.
Таа ја критикуваше и позицијата на ЕУ дека Украина не треба да биде ограничена во својата воена моќ, нарекувајќи го тоа негирање на суверенитетот. Притоа потсети дека Германија во минатото прифатила слични ограничувања за себе, навестувајќи дека Фон дер Лајен, како Германка, „добро треба да го знае тоа“.
Во однос на тврдењето дека ЕУ игра централна улога во обезбедување мир за Украина, Захарова праша: „Од кога точо? Треба да утврдиме кога Брисел почна да халуцинира“. Таа ја оцени и изјавата дека Украина „избрала европска судбина“ како најапсурдна, потсетувајќи на суспензијата на договорот за европска интеграција од страна на претседателот Виктор Јанукович во 2013 година, што според Москва довело до Мајдан, „неуставен државен удар и воспоставување неонацистички режим“.
Европската Унија, од своја страна, на 23 ноември повтори дека не признава промени на украинските граници со сила и дека нема да поддржи ограничувања што би ја ослабеле украинската армија. Во меѓувреме, Америка објави дека работи на мировен план, но без да ги открие деталите.
Преговори меѓу САД, ЕУ и Украина веќе се одржаа во Женева, додека Москва порача дека останува отворена за дијалог и дека американскиот концепт би можел да биде основа за решение – доколку Киев се согласи. Путин оцени дека Киев и Европа „уште живеат во илузии“ дека можат да ѝ нанесат „стратешки пораз“ на Русија, што според него е резултат на „недостаток на реални информации за ситуацијата на фронтот“.
Руско-европскиот судир околу условите за мир продолжува да се продлабочува, додека конфликтот на терен и понатаму останува без јасен исход.
















