Украина и САД во Женева договориле темелно ревидиран мировен нацрт од 19 точки, кој според Киев претставува значаен чекор напред во дипломатските напори за крај на војната. На средбата, која украинската делегација ја опиша како „интензивна, но продуктивна“, биле постигнати договори за повеќето прашања, додека најчувствителните политички теми останале за директна одлука на претседателите Доналд Трамп и Володимир Зеленски.
Првиот заменик-министер за надворешни работи, Серхиј Кислица, кој учествувал во разговорите, изјави за „Фајненшл тајмс“ дека новиот документ има многу малку сличности со протечената верзија што предизвика немир во Киев. „Многу малку работи останаа од изворната верзија“, истакна тој, додавајќи дека американската страна била „внимателна, подготвена да слуша и отворена за корекции“.
Кислица нагласи дека скоро сите украински предлози биле прифатени. Неколку спорни точки – меѓу кои се територијалните прашања и рамнотежата меѓу НАТО, Русија и САД – биле ставени во загради и оставени на лидерско ниво.
Особено важен момент, според украинскиот дипломат, е тоа што САД изгледа се подготвени да се откажат од идејата за ограничување на украинската армија на 600.000 припадници – предлог кој многу ги вознемири украинските власти. „Се согласија дека таа бројка веќе не е на маса“, изјави Кислица.
Исто така, ревидирани биле и спорните точки околу можната општа амнестија за потенцијални воени злосторства, со цел да се земат предвид правата и барањата на жртвите од војната.
Кислица го пофали „конструктивниот“ пристап на американскиот тим – меѓу кој биле државниот секретар Марко Рубио, секретарот за армија Даниел Дрискол и Џаред Кушнер – нагласувајќи дека не постоел ниту еден момент во кој одбиле да дискутираат за чувствителна точка.
Дипломатските напори продолжуваат, а Киев очекува следните чекори да зависат директно од Зеленски и Трамп – кои треба да ги решат најтешките дилеми за идниот мировен договор.
















