Анкетата нарачана од германскиот весник „Тагешпигел“ покажува јасна слика: мнозинството жители на Берлин не сакаат нивниот град да стане кандидат за домаќин на Олимписките игри. Според резултатите, дури 67 проценти од испитаниците се против кандидатура за Игрите во 2036, 2040 или 2044 година, додека само 27 проценти ја поддржуваат идејата, а 6 проценти остануваат неопределени.
Додека Берлин сигнализира резерви, неколку други германски градови веќе најавија дека сакаат да се вклучат во трката. Германската конфедерација на олимписки спортови (DOSB) ќе одлучи во третиот квартал од 2026 година кој град ќе ја претставува Германија. Канидатурата ја разгледуваат Берлин, Хамбург, Минхен и регионот Рајна-Рур.
Минхенските жители веќе дадоа поддршка за кандидатурата, а Северна Рајна-Вестфалија ќе организира референдум на 19 април за евентуалната кандидатура на Рајна-Рур.
Иако бројките за Берлин изгледаат обесхрабрувачки, градските олимписки претставници остануваат оптимисти. Каве Нироманд, претставник за Олимписките игри, вели дека таквиот скептицизам е типично берлински, но дека „кога ќе дојде моментот, градот знае да создаде ентузијазам“. Нироманд и Томас Хертел од Берлинскиот спортски сојуз веруваат дека јавната поддршка може да се подобри.
Хертел акцентира дека постојат и други анкети со повисока поддршка за кандидатурата, но сепак признава дека Берлин се соочува со сериозен предизвик и дека мора да се работи на менување на јавната перцепција.
Планирани се повеќе активности за „подигнување на атмосферата“ во текот на 2026 година, кога DOSB ќе ја донесе конечната одлука.
Германија последен пат беше домаќин на Летните олимписки игри во Берлин во 1936 година и во Минхен во 1972 година, како и на Зимските игри во 1936 година во Гармиш-Партенкирхен. Неколку обиди за нова кандидатура во последните децении пропаднаа поради слаба јавна поддршка или негативни референдуми.
Овојпат, Берлин повторно се соочува со истата бариера – скептични граѓани кои не гледаат придобивки во организацијата на еден од најголемите спортски настани во светот.
















