Новата унгарска влада започна истрага за кредитот од една милијарда евра што претходната влада, предводена од Виктор Орбан, ѝ го одобри на Македонија преку државната „Ексимбанк“, пренесува Ројтерс.
Унгарскиот премиер Петер Маѓар изјави дека заемот, одобрен со каматна стапка од 3,25 проценти и обезбеден со државна гаранција, е една од неколкуте трансакции на банката што во моментов се предмет на проверка.
Според Маѓар, постојат сомневања дека средства кои првично биле наменети за поддршка на унгарските компании можеби биле искористени за зајакнување на политички сојузник во странство, како и за можно фаворизирање компании блиски до претходната власт.
Новиот премиер, кој ја презеде функцијата по априлските избори и по 16-годишното владеење на Виктор Орбан, најави дека неговата влада ќе спроведе темелна борба против корупцијата и ќе го преиспита работењето на институциите и финансиските одлуки донесени од претходната администрација.
Засега не се соопштени дополнителни детали за текот на истрагата, ниту дали таа би можела да има последици врз веќе одобрениот кредит. Според информациите на Ројтерс, проверката е дел од поширока ревизија на работењето на државната „Ексимбанк“ и на нејзините најголеми финансиски трансакции.









