ПРВ.мк
Црна Хроника

Заминаа да собираат печурки и не се вратија: Телата на две жени пронајдени закопани во шума

Заминаа да собираат печурки и не се вратија: Телата на две жени пронајдени закопани во шума

Трагичен случај е регистриран во рускиот регион Краснојарск, каде две постари жени биле пронајдени мртви во шума откако заминале да собираат печурки. Според објавените информации, се верува дека биле нападнати од мечка.

Рускиот Истражен комитет соопштил дека двете жени на 31 август заминале во шумскиот предел во близина на населбата Подтесово, но не се вратиле дома. Нивните семејства го пријавиле исчезнувањето во полиција, по што започнала потрага.

На 2 септември волонтери ги пронашле нивните тела на околу три до четири километри од населбата.

Според информации објавени во руските медиуми, станува збор за 67-годишната Зоја Г. и 73-годишната Галина Т. Наводно, жените не се познавале и во шумата заминале во различно време.

Нивните тела биле пронајдени на мала оддалеченост едно од друго и покриени со земја. Според досегашните информации, постои сомнение дека биле нападнати од мечка, но надлежните органи ги утврдуваат сите околности на трагедијата.

Во пошироката област во последниот период биле забележани повеќе мечки во близина на населени места. Телеграм-каналот „SHOT“ објави дека за само три дена биле регистрирани десет случаи на кафеави мечки кои се приближиле или навлегле во населени подрачја, а седум животни кои претставувале непосредна опасност биле застрелани.

Жители на Подтесово, според истите информации, забележувале траги од мечки околу своите имоти, како и превртени контејнери за отпад.

Експерти посочуваат дека големите шумски пожари во Сибир би можеле да бидат еден од факторите поради кои дивите животни ги напуштаат своите природни живеалишта во потрага по храна и засолниште и сè почесто се приближуваат до населени места.

Случајот со двете жени дополнително предизвика загриженост кај локалното население, додека надлежните служби продолжуваат да ја следат ситуацијата со дивите животни во регионот.