ПРВ.мк
Свет

Енергијата ги крева фабричките цени во Европа: Голем скок во еврозоната

Енергијата ги крева фабричките цени во Европа: Голем скок во еврозоната

Цените на индустриските производители во еврозоната продолжиле да растат во јули, при што енергетскиот сектор бил главниот двигател на поскапувањето, покажуваат прелиминарните податоци на Евростат.

На годишно ниво, производствените цени во еврозоната пораснале за 5,8 отсто, што претставува забрзување во однос на растот од 4,6 отсто во претходниот месец. Во целата Европска Унија растот изнесувал 5,6 отсто.

Во споредба со претходниот месец, цените се зголемиле за 1,6 отсто во еврозоната и за 1,4 отсто во ЕУ.

Најголем притисок доаѓа од енергетскиот сектор. Цените на енергијата во еврозоната биле за 12,9 отсто повисоки во споредба со истиот период минатата година, додека на месечно ниво скокнале за 5,6 отсто.

Раст од 6,3 отсто на годишно ниво е регистриран и кај интермедијарните производи, капиталните производи поскапеле за 2,6 отсто, а трајните производи за широка потрошувачка за 2,9 отсто. Кај нетрајните производи за широка потрошувачка, пак, е забележан пад од 0,7 отсто.

Меѓу земјите членки, најголем годишен раст на производствените цени е регистриран во Ирска – 14,8 отсто, потоа во Литванија со 12,9 и Бугарија со 12,5 отсто. Луксембург забележал пад од 7,3 отсто.

На месечно ниво, најголеми зголемувања имало во Ирска од 4,3 отсто, Шпанија и Италија од по 3 отсто и Кипар од 2,3 отсто.

Најголем месечен пад, според податоците на Евростат, е регистриран во Естонија, Финска и Шведска.