Претставниците на Студентската листа „Студентите победуваат“ ја одржаа првата прес-конференција по изборите во Србија на 25 октомври, на која побараа итни промени во државните институции, полицијата, правосудството и безбедносните служби.
На прес-конференцијата во Пионерскиот парк во Белград, студентите порачаа дека преносот на власта мора да започне без одложување, а Републичката изборна комисија треба што поскоро да ги објави конечните изборни резултати.
„Не дојдовме да се одмаздуваме, туку да им ги вратиме институциите на граѓаните. Не бараме политичка послушност, туку законитост, професионалност и одговорност“, изјави студентот Филип Убовиќ.
Бараат оставки во полицијата и безбедносните служби
Студентската листа побара разрешување на повеќе високи полициски функционери, меѓу кои Марко Кричак, Радослав Репац и Игор Жмириќ.
Истовремено, побараа итни и неотповикливи оставки од директорот на полицијата Драган Васиљевиќ, директорот на Безбедносно-информативната агенција Владимир Орлиќ и директорот на Военобезбедносната агенција Ѓуро Јованиќ.
Најавуваат отворање на големите афери
Студентите побараа независно постапување на обвинителството во предметите поврзани со падот на настрешницата во Нови Сад, Генералштабот и комуникациите преку апликацијата „Скај“.
Бараат и повторно разгледување на случаите „Крушик“, „Савамала“, „Дољевац“ и убиството на Оливер Ивановиќ.
Оставки се побарани и од обвинителите Ненад Стефановиќ и Миодраг Марковиќ, како и од претседателот на Уставниот суд, Владан Петров.
Студентската листа најави и проверки на финансиското работење на државните институции и јавните претпријатија, вклучувајќи ги јавните набавки и договорите.
Во медиумскиот сектор бараат промени во раководството на РТС, како и реформи во регулаторното тело РЕМ.
Претставниците на листата ги повикаа граѓаните и вработените во институциите да пријавуваат евентуални злоупотреби и да ја зачуваат документацијата.
„Граѓаните дадоа јасен мандат за владеење на правото. Спроведувањето на нивната волја мора да започне веднаш“, порачаа од Студентската листа.









