Познатиот украински гинеколог и репродуктолог, 71-годишниот д-р Игор Иљин, е тешко повреден во вооружен напад што се случил утрово непосредно пред неговата клиника за репродуктивна медицина во Киев.
Според првичните информации, нападот се случил околу 10 часот на улицата Житомирска, на само неколку метри од влезот во клиниката.
Непознат маж од непосредна близина испукал повеќе од 20 проектили кон лекарот. Првично постоело сомнение дека станува збор за боева муниција, но според информациите од истрагата, биле употребени гумени куршуми.
Наводно, шест од проектилите го погодиле докторот во пределот на главата, а уште 14 во телото. Според сведоштва од местото, откако ја испукал муницијата, напаѓачот продолжил физички да го удира Иљин, по што побегнал.
Докторот го преживеал нападот и бил итно хоспитализиран. Неговата здравствена состојба се опишува како сериозна.
Истражните органи работат на утврдување на мотивот и сите околности, а според првичните сомневања станува збор за целен напад.
Полицијата трага по маж на возраст од околу 35 до 40 години, кој за време на нападот наводно носел капа, темна спортска облека, патики и ранец во воен стил. Се анализираат и снимките од камерите за видеонадзор во околината.
Д-р Игор Иљин е акушер-гинеколог и специјалист за репродуктивна медицина. Во 1998 година ја основал клиниката во која работи, позната по третмани поврзани со женска и машка неплодност.
Потрагата по напаѓачот продолжува, а мотивот за нападот засега не е официјално утврден.










