Големи шумски пожари продолжуваат да беснеат во повеќе делови на Грција, а најкритична е состојбата на островот Крит, каде што во тек се масовни евакуации на жители и туристи. Во огнената стихија животот го загубија двајца пожарникари, додека уште неколкумина се повредени при интервенциите.
Најголем пожар е регистриран во областа Ретимно, каде што огнот се проширил на фронт долг околу 15 километри, уништувајќи шуми, земјоделски површини и заканувајќи се на повеќе населени места. Поради брзото ширење на пламените јазици, евакуирани се повеќе населби, а над 700 жители се префрлени на безбедни локации.
Во туристичкото место Агиа Галини е издадена итна наредба за евакуација преку системот 112. Според локалните хотелиери, во ова место во моментот престојуваат околу 2.000 туристи, кои организирано се упатуваат кон побезбедни подрачја, следејќи ги инструкциите на надлежните служби. Според нив, евакуацијата се одвива без паника.
Крајбрежната стража, со помош на приватни пловни објекти, спасила најмалку 29 лица од крајбрежните области, додека во источниот дел на Крит изгореле две противпожарни возила, а двајца пожарникари биле пренесени во болница со изгореници.
Сериозна е состојбата и на островот Лезбос, каде што властите наредија итна евакуација на населбата Агиос Исидорос, а еден пожарникар се здобил со скршеница на ногата за време на интервенцијата.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изрази сочувство до семејствата на загинатите пожарникари и порача дека земјата се соочува со сè потешки предизвици поради екстремните временски услови. Во гаснењето на пожарите се ангажирани голем број пожарникари, воздушни сили и локални служби, додека властите внимателно ја следат состојбата и се подготвени за дополнителни евакуации доколку огнот продолжи да се шири.










