Во СВР Скопје вчера вечер била пријавена пукотница во скопското село Арачиново, при што било оштетено паркирано патничко возило.
Според информациите од полицијата, 60-годишен жител на Арачиново пријавил дека околу 20:40 часот, додека се наоѓал во дворот на својата семејна куќа, слушнал истрел. По проверката забележал дека хаубата на паркираниот „Фолксваген Голф“, кој е во сопственост на неговиот син, била погодена и оштетена.
На местото на настанот извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје, а пронајденото зрно е подигнато и ќе биде предмет на понатамошна вештачка обработка.
Полицијата работи на целосно расчистување на случајот и утврдување на околностите под кои дошло до инцидентот.








