Поранешниот претседател на Основниот суд во Лебане, Светомир Цветковиќ, починал за време на одмор во Грција, каде што престојувал заедно со својата сопруга, пренесуваат српските медиуми.
Тажната вест ја потврдил неговиот син Никола Цветковиќ, кој изјавил дека на неговиот татко ненадејно му се влошила здравствената состојба. Тој веднаш бил пренесен во болница, но и покрај напорите на лекарскиот тим, не успеал да ја добие битката за живот.
Светомир Цветковиќ со години ја извршуваше функцијата претседател на Основниот суд во Лебане и важеше за еден од најпознатите судски функционери во јужниот дел на Србија.
Неговата смрт предизвика голема тага кај семејството, колегите и луѓето кои го познаваа, а српските медиуми се простуваат од него како долгогодишен правник кој оставил значаен белег во судството.










