Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе забрана за увоз на нови модели кинески хуманоидни и четириножни роботи, како и на одредени кинески инвертори што се користат во соларни системи и центри за податоци, повикувајќи се на причини поврзани со националната безбедност.
Одлуката ја соопшти Федералната комисија за комуникации (FCC), која наведува дека мерките веднаш стапуваат во сила и важат само за производи што сè уште немаат одобрение за продажба на американскиот пазар. За веќе одобрените уреди засега нема промени, иако Комисијата најави дека може повторно да ги разгледа издадените дозволи.
Според американските власти, мрежно поврзаните роботи и инвертори би можеле да претставуваат ризик од шпионажа, кражба на податоци, далечинско управување и кибернапади врз критичната инфраструктура.
Мерките ги опфаќаат мобилните роботи кои можат самостојно да се движат и да комуницираат преку мрежа, додека стационарните индустриски роботи не се вклучени во забраната. Целта, според Вашингтон, е истовремено да се намалат безбедносните ризици и да се поттикне домашното производство на напредни технологии.
Меѓу компаниите што би можеле најмногу да бидат погодени е Unitree Robotics, еден од водечките кинески производители на хуманоидни роботи. Американските власти претходно ја ставија компанијата на листа на фирми за кои постојат сомневања за поврзаност со кинеската војска, додека компанијата ги отфрла таквите обвинувања.
Покрај роботите, ограничувањата се однесуваат и на кинеските инвертори, клучни уреди во соларните електрани и современите центри за податоци. Според FCC, ваквите уреди би можеле да се злоупотребат за собирање информации или за нарушување на работата на критичната инфраструктура.
Од кинеската амбасада во Вашингтон реагираа дека САД треба да престанат со, како што наведуваат, неоправданите мерки против кинеските компании и предупредија дека Пекинг ќе преземе соодветни чекори за заштита на своите интереси.
Новите ограничувања претставуваат уште едно заострување на технолошките односи меѓу САД и Кина, во период кога двете земји сè повеќе се натпреваруваат во областите на вештачката интелигенција, роботиката и напредните технологии.








