Министерството за внатрешни работи соопшти дека по завршувањето на сите технички проверки, во функција се ставени камерите од системот „Безбеден град“ на автопатската делница меѓу селата Горенци и Требеништа во општина Дебрца.
Од МВР најавуваат дека во наредниот период системот ќе започне со работа и на повеќе сообраќајници во Охрид и охридскиот регион, каде што камерите веќе се поставени, а во тек е финалното тестирање и техничката проверка.
Според Министерството, системот „Безбеден град“ има за цел да овозможи постојан сообраќаен надзор, полесно откривање на сообраќајните прекршоци, подобрување на дисциплината кај возачите и зголемување на безбедноста на патиштата.
Од институцијата очекуваат неговата примена да придонесе и за намалување на бројот на сообраќајни незгоди, а воедно упатија апел до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел патиштата да бидат побезбедни за сите.








