ПРВ.мк
Свет

Страшна несреќа во Германија – експлозија на акумулатор го запалила велосипедистот

Страшна несреќа во Германија – експлозија на акумулатор го запалила велосипедистот

Тежок инцидент се случил во германскиот град Јуксен, во покраината Тирингија, кога 45-годишен велосипедист се здобил со животозагрозувачки повреди откако акумулатор што го носел во својот ранец ненадејно експлодирал.

Според германските медиуми, мажот во моментот на несреќата возел велосипед заедно со 9-годишно момче, кое се здобило со полесни повреди.

По силната експлозија, облеката на велосипедистот веднаш се запалила. Очевидци веднаш притрчале на помош и се обиделе да го изгаснат пламенот со вода, додека други повикале итна медицинска помош.

На местото брзо пристигнале пожарникари, спасувачки екипи и хеликоптер за итна медицинска интервенција. Повредениот маж, кој се здобил со тешки изгореници на грбот и левата страна од телото, бил пренесен во специјализирана клиника во Хале.

Од експлозијата биле запалени и блиска жива ограда и тревна површина, но пожарот бил брзо локализиран.

Причината за експлозијата засега не е позната, а криминалистичката полиција започна истрага за да утврди како дошло до несреќата.