Германија оваа година се соочува со сериозни последици од екстремно високите температури, а според најновите проценки на Институтот „Роберт Кох“, речиси 9.800 лица починале од причини поврзани со топлотните бранови.
Во неделниот извештај на националниот институт за јавно здравје се наведува дека оваа бројка е евидентирана до 19 јули и веќе го надминува бројот на смртни случаи поврзани со топлина забележан во која било цела година од 2016 година наваму.
Германија во текот на летото беше погодена од повеќе последователни топлотни бранови, а кон крајот на јуни беше регистриран и нов национален температурен рекорд.
Метеоролозите предупредуваат дека жештините продолжуваат, при што во најновиот топлотен бран температурите на одделни места би можеле да достигнат и 39 степени Целзиусови, што дополнително го зголемува ризикот за здравјето, особено кај постарите лица и хронично болните.







