ПРВ.мк
Македонија

Кој е одговорен за квалитетот на водата? Филипче и Мицкоски со спротивставени ставови

Кој е одговорен за квалитетот на водата? Филипче и Мицкоски со спротивставени ставови

Темата за квалитетот на водата за пиење предизвика остра расправа на денешната собраниска седница, каде лидерот на СДСМ, Венко Филипче, и премиерот Христијан Мицкоски разменија меѓусебни обвинувања околу одговорноста за состојбата во повеќе општини.

Филипче, поставувајќи пратеничко прашање до премиерот, побара објаснување за случаите со водоснабдувањето во Гостивар, Валандово и други општини, прашувајќи зошто резултатите од анализите, според него, не биле навремено објавени и кој е одговорен за контролите.

Тој посочи дека различните изјави од претставници на Владата создаваат забуна кај граѓаните и изрази загриженост за начинот на кој се врши третманот на водата во Гостивар. Според Филипче, неопходно е проблемот да се решава со стручни анализи и соодветни постапки, а не со мерки кои, според него, можат да предизвикаат дополнителни ризици. Тој го спомена и случајот со појавата на бела пена во реката Лепенец во близина на сливот кон Вардар, барајќи појаснување од институциите.

Во одговорот, премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли критиките и посочи дека проблеми со квалитетот на водата постоеле и во периодот кога Филипче беше министер за здравство. Тој цитираше извештаи од 2019 година од Центарот за јавно здравје во Прилеп, во кои, според него, биле констатирани бактериолошки и физичко-хемиски неисправности на водата во Прилеп, Крушево и Македонски Брод, додавајќи дека тогаш не биле преземени соодветни мерки.

Расправата заврши без конкретен заклучок, а прашањето за квалитетот на водата и понатаму останува предмет на политички несогласувања меѓу власта и опозицијата.