ПРВ.мк
Свет

Аларм во Англија: Половина од земјата се соочува со суша, пожарите се шират (ФОТО)

Аларм во Англија: Половина од земјата се соочува со суша, пожарите се шират (ФОТО)

Голем шумски пожар во англискиот округ Сафолк ги принуди властите да прогласат вонредна состојба, додека речиси половина од Англија се соочува со сериозна суша поради долгите топлотни бранови и недостигот од врнежи.

Пожарот избувнал во областа Данвич Хит, во близина на градот Лејстон, а во неговото гаснење се вклучиле околу 90 пожарникари. Според надлежните, силниот ветер придонесува огнот брзо да се шири кон југозапад, поради што жителите се повикани да ја избегнуваат областа и да ги држат прозорците и вратите затворени поради густиот чад.

Противпожарните служби соопштија дека станува збор за голем шумски пожар чија динамика дополнително е отежната од временските услови.

Во исто време, британските власти прогласија суша во повеќе региони, меѓу кои Сафолк, Источна Англија, Лондон, долината Темза, Хемпшир, островот Вајт, Девон, Корнвол, Западен Мидлендс и Весекс.

Од Агенцијата за животна средина наведуваат дека главните причини се продолжените високи температури и рекордно ниските количини дожд. Според прогнозите, не се очекуваат доволни врнежи за значително подобрување на состојбата пред есента, а ограничувања за користење вода веќе се воведени за околу 23 милиони жители.

Температурите повторно надминаа 30 степени Целзиусови, а метеоролозите оценуваат дека јули би можел да биде меѓу најсушните месеци досега. Поради жештините, издадено е и жолто метеоролошко предупредување за повеќе делови од Англија.

Британската министерка за води Ема Харди предупреди дека земјата мора да се прилагоди на, како што рече, „нова нормалност“, бидејќи климатските промени носат почести суши и поголем ризик од пожари.

Покрај пожарот во Сафолк, противпожарните служби интервенираат и на други локации низ Велика Британија. Во Шкотска продолжува борбата со пожарот во Националниот парк Кернгормс, кој трае веќе две недели, додека нов пожар зафати тревна површина во Ромфорд, а властите предупредуваат дека опасноста од нови пожари и понатаму останува висока.