Во Белград е во тек потрага по 28-годишната Људмила Константиновна Туркова, државјанка на Русија, која исчезнала викендов на подрачјето на општина Палилула, пренесуваат српските медиуми.
Според информациите од нејзините блиски, последниот пат била во контакт во саботата околу 23:15 часот, кога испратила порака дека се подготвува да излезе во ноќен клуб. Оттогаш нејзиниот мобилен телефон е исклучен, а нема никаква активност ниту на социјалните мрежи.
Според описот што го објавија српските власти, Људмила е висока околу 164 сантиметри, тешка околу 55 килограми, има долга руса коса и пирсинг на носот. Препознатлива е и по неколку тетоважи, меѓу кои две змии на левата бутина, голема калиграфска тетоважа на десната потколеница и тетоважи во јапонски стил на рамената.
Нејзина пријателка изјавила дека мајката на исчезнатата веќе поднела пријава во Русија, а се очекува Интерпол да ја проследи до српските власти за понатамошна постапка.
Пријателите и семејството апелираат до сите што можеби ја виделе или имаат информации за нејзиното движење веднаш да ја известат најблиската полициска станица.










