ПРВ.мк
Балкан

Неверојатно откритие во Дунав: Пронајдени коски од древен мамут

Неверојатно откритие во Дунав: Пронајдени коски од древен мамут

Рекордно нискиот водостој на реката Дунав доведе до необично откритие во северна Бугарија, каде што се пронајдени коски за кои експертите претпоставуваат дека му припаѓале на древен мамут.

Остатоците биле забележани од жител на селото Рјахово, кој при прошетка покрај реката забележал необични коски во речното корито. По неговата пријава, на местото пристигнале стручни лица од Регионалниот историски музеј во Русе.

Според директорот на музејот Николај Ненов, при првичниот увид биле идентификувани долна вилица, два заба и најверојатно едно ребро, за кои постои сомневање дека потекнуваат од мамут. Остатоците ќе бидат внимателно извадени и подложени на детални анализи за да се утврдат нивната старост и точното потекло.

Ненов истакна дека иако ваквите откритија не се целосно невообичаени, тие имаат големо научно значење бидејќи можат да дадат нови сознанија за животинскиот свет што живеел на овие простори пред илјадници години. Тој потсети дека научниците одамна претпоставуваат дека ова подрачје некогаш било мочуриште, каде што животното можеби угинало.

Откритието доаѓа во период кога Дунав бележи рекордно ниско ниво поради продолжените топлотни бранови и сушата што ова лето погодија голем дел од Европа. Намалениот водостој влијаеше и врз други големи европски реки, меѓу кои и Рајна, откривајќи делови од речното дно кои со години биле под вода.