Тешка сообраќајна несреќа е регистрирана вчера претпладне во Велес, каде 76-годишна жена завршила со сериозни повреди откако била удрена од патничко возило.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен во СВР Велес, а несреќата се случила околу 09:20 часот на улицата „Благој Ѓорев“.
Полицијата информира дека патничко возило „мерцедес“ со велешки регистарски таблички, управувано од 41-годишниот Р.И. од селото Горно Јаболчиште, општина Чашка, удрило во 76-годишната Љ.Н. од Велес.
Од силината на ударот, жената се здобила со тешки телесни повреди, кои биле потврдени во Општата болница во Велес. По укажаната лекарска помош, таа била задржана на понатамошно лекување и следење на нејзината здравствена состојба.
По наредба на јавен обвинител, на местото на несреќата увид извршила увидна екипа од СВР Велес. Истражните органи работат на утврдување на сите околности и причините што довеле до сообраќајната несреќа.









