Случајот со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска повторно се враќа во судница, откако Апелацискиот суд во Скопје ја укина ослободителната пресуда за нејзиниот татко, Александар Ѓорчевски, и донесе одлука постапката против него да започне одново.
Инаку, Александар Ѓорчевски не беше обвинет за убиството на својата ќерка, ниту за убиството на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Обвинението против него се однесуваше исклучиво на наводно помагање при киднапирањето на Вања.
Според обвинителството, тој на останатите обвинети им давал информации за секојдневните навики на својата ќерка, односно во кое време излегувала од дома и тргнувала кон училиштето. Обвинителството сметаше дека токму тие информации биле искористени при организирањето на киднапирањето.
Во текот на судскиот процес, Ѓорчевски категорично ги негираше сите обвинувања. Пред судот емотивно сведочеше, во повеќе наврати плачеше и тврдеше дека нема никаква поврзаност со останатите обвинети.
Тој изјави дека воопшто не ги познавал Љупчо Палевски – Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, на кои Апелацискиот суд им ги потврди казните доживотен затвор. Според неговото сведочење, за вмешаноста на Палчо дознал дури вечерта кога бил задржан во полициска станица, додека за другите обвинети првпат слушнал на почетокот на судењето.
Одбраната во текот на постапката тврдеше дека обвинението е без цврсти докази и посочи дека Александар Ѓорчевски активно соработувал со истражните органи. Неговиот адвокат истакна дека токму тој, по насоки на полицијата, помогнал во обезбедувањето на снимките од системот „Безбеден град“, кои подоцна биле важен дел од истрагата.
Во судницата сведочеше и мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, која изјави дека нејзиниот сопруг уште од првиот момент бил убеден дека нивната ќерка е киднапирана и дека тешко се справувал со сознанијата за случајот.
Со одлуката на Апелацискиот суд, предметот повторно ќе биде разгледуван пред надлежниот суд, кој во новата постапка ќе треба повторно да ги оцени доказите и да донесе нова пресуда за Александар Ѓорчевски.









