ПРВ.мк
Црна Хроника

ТЕШКА СООБРАЌАЈКА: Четири возила учествувале во несреќата, две деца со тешки повреди!

ТЕШКА СООБРАЌАЈКА: Четири возила учествувале во несреќата, две деца со тешки повреди!

Тешка сообраќајна несреќа се случила на 3 октомври во Гостивар, при што повеќе лица биле повредени, а двајца 14-годишни сопатници се здобиле со тешки телесни повреди и по укажаната медицинска помош биле пренесени на лекување во Скопје.

Според информациите, случајот бил пријавен во 22:10 часот во Одделението за внатрешни работи Гостивар. Несреќата се случила на раскрсницата меѓу улиците „Кеј Вардар“ и „Тоде Богдановски“, каде дошло до судир во кој учествувале три патнички возила и едно паркирано возило.

Во сообраќајката биле вклучени два автомобили „голф“, управувани од 18-годишниот Е.Р. и 19-годишниот Б.А., како и автомобил „БМВ“ со кој управувал 25-годишниот М.М. Во несреќата било оштетено и паркирано патничко возило „пасат“, сопственост на 54-годишниот Е.С. Сите учесници во несреќата се жители на Гостивар.

Најтешко поминале двајца 14-годишни сопатници, кои во несреќата се здобиле со тешки телесни повреди. Тие првично биле пренесени во Ургентниот центар во Гостивар, каде им била укажана медицинска помош, по што поради сериозноста на повредите биле упатени и пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Во сообраќајката биле повредени и двајцата возачи Б.А. и Е.Р., како и сопатниците А.С. и Б.Л., кои се здобиле со телесни повреди.

По пријавувањето на несреќата, на местото излегла екипа од ОВР Гостивар, која извршила увид за да се утврдат околностите под кои дошло до сообраќајката.