Несекојдневен инцидент се случил во атинската населба Неа Јонија, каде 35-годишен маж физички нападнал 54-годишна таксистка и ѝ го одгризал увото. За случајот денеска известија грчките медиуми.
Нападот се случил околу еден час по полноќ. Според досегашните информации, причина за конфликтот била околноста што таксистката немала ПОС-терминал, односно можност да прими плаќање со банкарска картичка.
Мажот, кој бил нејзин клиент, наводно станал агресивен и ја нападнал жената, при што ѝ нанел повреда на увото. Таксистката по инцидентот била пренесена во болница за да ѝ биде укажана медицинска помош.
Очевидец кој се вмешал во случувањето и успеал да го совлада напаѓачот раскажал дека неговото однесување било крајно агресивно. Според него, напаѓачот имал крв околу устата, поради што заклучил дека тој ја каснал таксистката.
Сведоците дополнително опишале дека 35-годишниот маж изгледал дезориентирано и се тетеравел, поради што се појавиле сомневања дека можеби бил под дејство на некакви супстанции. Очевидецот наведува дека не забележал мирис на алкохол кај него.
Повредената таксистка, според сведоштвата, била во силен шок по нападот и плачела, очигледно збунета од тоа што се случило. Таа на полицијата и на присутните им раскажала дека напаѓачот по инцидентот ѝ се обратил со прашања дали е горда и дали се чувствува добро по случувањето.
Очевидецот кој интервенирал изјавил дека присутните морале да го запрат мажот бидејќи се однесувал агресивно. Жената во еден момент успеала да истрча и да ја премине улицата.
Според информациите од местото на настанот, полицијата пристигнала во рок од околу десет минути, додека екипата на брзата помош пристигнала по приближно 20 минути.
Полициските службеници го уапсиле осомничениот и против него била поднесена пријава за нанесување тешки телесни повреди. Таксистката била преземена од екипата на брзата помош и пренесена во болница, каде што добила медицинска помош.
Истрагата продолжува, а надлежните органи треба да ги утврдат сите околности околу нападот, како и точниот мотив што довел до инцидентот.







