ПРВ.мк
Наука/Технологија

СЕКОЈА ГОДИНА СЀ ПОСВЕТЛО: Темнината полека исчезнува - eве зошто ноќното небо стана атракција!

СЕКОЈА ГОДИНА СЀ ПОСВЕТЛО: Темнината полека исчезнува - eве зошто ноќното небо стана атракција!

Секоја година ноќното небо станува поосветлено за 10 проценти. Дури 80 проценти од луѓето живеат под небо загадено со светлина, додека полека почнуваме да забораваме што се тоа вистинска темнина и ѕвездено небо.

Темнината не е потребна само за да го набљудуваме ноќното небо, туку и за да се одмориме и да останеме здрави, бидејќи светлосното загадување ги нарушува циркадијалните ритми не само кај луѓето, туку и кај животните.

Астрономите уште во 2016 година утврдија дека Млечниот пат повеќе не се гледа на третина од населената територија на човештвото, а светлосното загадување оттогаш уште повеќе се засили. Порано истражување на физичарот Кристофер Куба од германскиот Центар за геонауки откри дека светлосното загадување сега создава ефект ноќното небо да се осветлува за 10% годишно, што може да предизвика ефект дури и најсветлите ѕвезди да „исчезнат“ од небото многу брзо.

Дете кое е родено кога на небото биле видливи 250 ѕвезди, денес, кога има 20-ина години, може да види само 100 од нив.

Обединетите нации ја прогласија здравата животна средина — чистиот воздух и чистата вода — за човеково право, но луѓето имаат право и на темнина, пишува „Гардијан“. Тоа не значи дека треба да се изгасне секоја улична светилка. Но, дали навистина ни се потребни силни, бели рефлектори пред секоја гаража? Кога пресилните светла би ги замениле со оние кои се доволно силни да ја завршат работата — но не и посилни отколку што е потребно — можеби повеќе нема да биде потребно да патуваме на изолирани места само за да го видиме ѕвезденото ноќно небо, наведува весникот.

Зачувувањето на темнината би подразбирало правила и контрола врз температурата на светлината, нејзината насока и јачина. Некои заедници веќе го направиле тоа. Флагстаф во Аризона беше првиот град што воведе правила за надворешно осветлување уште во 1958 година. Децении подоцна, во 2001 година, Флагстаф стана првиот официјално признаен „град на темно небо“. Неговите правила одредуваат колку светлина смее да се користи, каква треба да биде таа и во кој правец може да биде насочена. По него тргнаа и други градови во САД и низ светот. Сојузната американска држава Њујорк моментално разгледува Законот за заштита на темното небо, со кој би се вовеле нови ограничувања за надворешното осветлување — вклучувајќи и некои што би се однесувале на градот кој никогаш не спие.

Данците воведуваат црвено осветлување

Во меѓувреме, данската општина Гладсаксе почна да го менува традиционалното бело улично осветлување со црвени ЛЕД-светла за да ги заштити лилјаците од негативните последици на светлосното загадување.

Проектот е дел од пошироката европска иницијатива „Осветлување на метрополи — зелена мобилност“, која ги обединува градовите од Данска и Шведска со цел намалување на светлосното загадување и унапредување на одржливата урбана инфраструктура.

Слични експерименти веќе се спроведени во Велика Британија и Холандија, но данскиот проект е меѓу најголемите досега. Некои стручњаци веруваат дека тој би можел да стане модел за идното урбано осветлување низ Европа.

Во што е проблемот со вештачката светлина?

Вештачката светлина ги збунува животните кои ја користат Месечината за ориентација — од младенчињата на морските желки кои наместо кон океанот тргнуваат кон осветлениот паркинг, до молците кои летаат во кругови околу сијалицата. На светулките и жабите им е потребна темнина за нивните ритуали на парење. Птиците преселници го губат правецот поради јарките светла на големите градови.

Но, последиците од светлосното загадување не исчезнуваат ниту кога сонцето повторно ќе изгрее. Истражувањата покажаа дека светлосното загадување го нарушува односот меѓу растенијата и опрашувачите, го менува годишното време во кое дрвјата цутат и ги нарушува циркадијалните ритми на сите живи суштества. Тоа ги вклучува и луѓето. Билo да се работи за вештачка светлина во затворен простор или за светлина што ноќе продира низ прозорците, студиите покажаа дека ни е потребна темнина за да се одмориме, да се опоравиме и да останеме здрави.

Сателитите се сè поголема закана

Поголемиот дел од светлосното загадување доаѓа од уличното осветлување, зградите, паркинзите и спортските терени кои остануваат осветлени во текот на целата ноќ, но сè поголема закана доаѓа и од самото небо, покрај растечкиот број сателити кои се мешаат со ѕвезденото небо.

Праксите прилагодени за ноќта, како што се насочувањето и заштитата на ноќното осветлување за светлината да паѓа само таму каде што е потребна, нема да го решат проблемот со повеќе од 11.000 сателити „Старлинк“ кои моментално се наоѓаат во орбитата, ниту ќе спречат компанија која сака, по потреба, да обезбедува вештачка сончева светлина користејќи сателити за осветлување подрачја на Земјата со дијаметар и до пет километри. За објектите што ги лансираме во вселената не се бара проценка на влијанието врз животната средина, дури ни кога влијаат врз животот на Земјата, пишува „Гардијан“.

Ноќното небо како атракција

Додека ноќе беше темно, соѕвездијата им помагаа на луѓето да го најдат патот до дома. Денес, ноќното небо стана атракција поради која луѓето патуваат. Во свет кој сè повеќе се урбанизира, ноќното небо станува недостапно за оние кои немаат време или пари да го побараат.

Правото на темнина не значи дека секој град треба да изгледа како рурална средина, но можеби би можело да направи видливи уште неколку ѕвезди откако ќе падне мракот, да им овозможи на уште некои суштества да се одморат и на сите нас да ни даде причина повторно да погледнеме кон небото, наведува весникот.