Невообичаен случај го потресе американскиот Универзитет во Вајоминг, каде што 32-годишна докторандка по микробиологија е осомничена дека го труела својот колега со опасна хемиска супстанција и неовластено фотографирала материјали од неговите научни истражувања.
Аили Ванг (32) била уапсена на 6 октомври на аеродромот во Лос Анџелес, додека, според обвинителството, се подготвувала да отпатува во Кина.
Случајот започнал кога нејзиниот колега, идентификуван со иницијалите К.Т., почнал да чувствува необични здравствени симптоми, меѓу кои замор, несоница, трнење и слабост во нозете.
Тој забележал и чуден вкус на чајот што го подготвувал во заедничката канцеларија.
Анализата на водата од апаратот покажала присуство на акриламид, хемиска супстанција која во високи дози може да предизвика сериозни оштетувања на нервниот систем.
Според полициските документи, безбедносните камери наводно ја снимиле Ванг како пребарува по работната маса на колегата и ги фотографира неговите истражувачки белешки.
Колегата работел на научни истражувања поврзани со нови методи за лекување рак, невролошки и генетски заболувања, за кои се подготвувале и патентни пријави.
Истражителите тврдат дека осомничената во текот на летото двапати купувала акриламид преку интернет-платформата „иБеј“.
По полициското испрашување, таа наводно се обидела да го избрише својот кориснички профил.
На Ванг ѝ се заканува казна до десет години затвор и парична казна од 10.000 долари, доколку биде прогласена за виновна.
Судот определил кауција од 1,5 милиони долари, а според последните објавени информации, таа останала во притвор.
Професорот Марк Гомелски, кој ја надгледувал работата на двајцата докторанди, изјавил дека сè уште не е сигурно дали оштетениот целосно ќе закрепне.
Колегата и понатаму има проблеми со концентрацијата, брзо се заморува и чувствува намален осет во левата рака.
Обвиненијата против Ванг сè уште не се докажани, а нејзината кривична одговорност треба да биде утврдена во судска постапка.









