ПРВ.мк
Свет

Плаќате со готовина? Од 2027 година во Европа стапуваат нови правила – еве што се менува

Плаќате со готовина? Од 2027 година во Европа стапуваат нови правила – еве што се менува

Од 10 јули 2027 година во Европската Унија почнува примената на нови правила за плаќање во готовина, со кои се воведуваат ограничувања за поголемите финансиски трансакции.

Според европската Регулатива 2024/1624, максималниот износ за готовински плаќања при купување стоки и услуги од трговци ќе биде 10.000 евра.

Тоа значи дека деловните субјекти нема да смеат да примаат или вршат готовински плаќања над овој износ, без разлика дали парите се исплаќаат одеднаш или преку повеќе меѓусебно поврзани трансакции.

Земјите членки на ЕУ ќе имаат можност да воведат и пониски национални ограничувања.

Дополнителни проверки се предвидени и за одредени повремени трансакции во готовина од најмалку 3.000 евра.

Во такви случаи, субјектите опфатени со правилата за спречување перење пари ќе треба да го проверат идентитетот на клиентот, што може да подразбира приложување лична карта или пасош.

Сепак, новите правила не значат дека готовината ќе биде укината во Европската Унија.

Ограничувањето од 10.000 евра не се однесува на плаќања меѓу две физички лица кога тие не вршат деловна или професионална активност. За ваквите трансакции, сепак, може да важат други национални правила.

Целта на новата регулатива е спречување на перењето пари и финансирањето тероризам, како и поголема контрола врз големите готовински трансакции.

За македонските граѓани е важно што ова ограничување не се воведува автоматски во Македонија, бидејќи земјата не е членка на Европската Унија.

Но, Македонците кои живеат, работат, патуваат или купуваат стоки и услуги во земјите членки на ЕУ ќе треба да ги почитуваат тамошните правила.

Новите ограничувања ќе почнат да се применуваат од 10 јули 2027 година, а граѓаните и понатаму ќе можат да користат готовина за плаќања во рамките на дозволените износи.