Полнењето мобилен телефон во изнајмен автомобил или такси може да претставува ризик за приватноста, особено доколку уредот се поврзе директно со USB-приклучокот на мултимедијалниот систем.
Експертите предупредуваат дека одредени USB-приклучоци во автомобилите не служат само за полнење, туку овозможуваат и пренос на податоци меѓу телефонот и возилото.
При поврзувањето, во зависност од системот и дадените дозволи, автомобилот може да преземе и зачува одредени информации од мобилниот уред.
Меѓу податоците што потенцијално можат да останат во меморијата се телефонските контакти, адресите користени во навигацијата, музичките листи и други информации синхронизирани со системот.
Особено ризично е користењето изнајмени автомобили, бидејќи возилото подоцна го користат други лица.
Автомобилскиот експерт Џон Буркхаузер предупредува дека исклучувањето на USB-кабелот не значи автоматски и бришење на претходно зачуваните информации.
Слично предупредување објавила и американската Федерална трговска комисија, посочувајќи дека личните податоци може да останат достапни доколку корисникот не ги отстрани од автомобилскиот систем.
Сепак, самото полнење не значи дека автомобилот автоматски ги презема сите податоци од телефонот. Ризикот зависи од приклучокот, начинот на поврзување и дозволите што ги одобрил корисникот.
За поголема безбедност, експертите препорачуваат користење преносна батерија или адаптер за приклучокот за запалка, наместо директно поврзување со мултимедијалниот систем.
Дополнителна заштита овозможува и специјален USB-блокатор на податоци, кој дозволува полнење, но го спречува нивниот пренос.
Доколку веќе сте го поврзале телефонот со изнајмен автомобил, пред враќањето избришете го уредот од листата на поврзани телефони и отстранете ги синхронизираните податоци.
На тој начин се намалува можноста следните корисници на автомобилот да добијат пристап до вашите приватни информации.









