ПРВ.мк
Свет

Неверојатен проект: Планираат да изградат статуа на Исус висока 207 метри – објавените фотографии изгледаат нереално

Неверојатен проект: Планираат да изградат статуа на Исус висока 207 метри – објавените фотографии изгледаат нереално

Полска компанија претстави амбициозен проект за изградба на огромна статуа на Исус Христос, која би достигнала висина од неверојатни 207 метри и би станала највисокиот споменик од овој вид во светот.

Статуата е планирана во провинцијата Илокос Сур, на северот на Филипините, а зад концептуалното решение стои полската градежна компанија „Слипформ“, со седиште во Шчеќин.

Компанијата веќе објавила визуелизации на идниот споменик, кои привлекле големо внимание поради неговите огромни димензии и впечатливиот изглед.

Проектот бил споменат и за време на неодамнешната посета на полскиот претседател Карол Навроцки на Манила.

Доколку биде реализирана, статуата ќе ги надмине сите постојни споменици посветени на Исус Христос.

За споредба, статуата Христос Заштитник во бразилскиот град Енкантадо е висока 43,5 метри со постаментот, додека полскиот Христос Крал во Швјебоѓин достигнува 52,5 метри заедно со возвишението.

Компанијата „Слипформ“ планира да користи специјална градежна технологија развиена во 2023 година, која овозможува континуирано бетонирање без постојано расклопување и повторно поставување на калапите.

Според извршниот директор Даниел Кисала, армирано-бетонското јадро на конструкцијата, високо повеќе од 200 метри, би можело да биде завршено за приближно 40 дена.

За изградба на носечката конструкција би биле потребни до 27.000 кубни метри бетон.

Сепак, проектот засега е во фаза на разгледување. Концептуалното решение е доставено до инвеститор од Филипините, но конечната согласност сè уште не е дадена.

Изведувачот на градежните работи не е избран, а датумот за почеток на изградбата не е потврден.

Доколку плановите се реализираат, Филипините би можеле да добијат нова светска туристичка и верска атракција со досега невидени размери.