ПРВ.мк
Црна Хроника

СЦЕНИ ШТО ЌЕ ГО ПРОГОНУВААТ ЗАСЕКОГАШ: Човекот што со голи раце ги вадеше жртвите од огнот

СЦЕНИ ШТО ЌЕ ГО ПРОГОНУВААТ ЗАСЕКОГАШ: Човекот што со голи раце ги вадеше жртвите од огнот
Kristal

Додека пожарот голтал сè пред себе во барот во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, 55-годишниот Паоло Камполо не чекал ниту секунда. Со голи раце, без заштита и без двоумење, влегол во запалениот објект за да ги спаси луѓето заробени внатре.

Камполо, финансиски аналитичар по професија, живее на само педесетина метри од барот. Алармот го добил од сопствената ќерка, која во паника му се јавила и му кажала дека нејзиното момче и неговите пријатели се внатре. Пожарникарите биле на пат, но тој не можел да чека.

„Имаше тела насекаде. Некои беа свесни, некои веќе не. Сите беа изгорени. Луѓето врескаа за помош на различни јазици, а повеќето беа многу млади“, изјави Камполо од болнички кревет, каде што се лекува поради вдишување чад.

Заедно со уште еден маж, тој влегувал повторно и повторно во запалениот подрум, извлекувајќи ги повредените еден по еден и положувајќи ги на снегот пред објектот. Многу од девојките имале тешки изгореници, бидејќи носеле лесна облека.

Неговата ќерка, која успеала да се спаси, раскажа за хоророт што го преживеала: „Бев опкружена со луѓе што гореа и со мртви тела. Само врескав. Не сакав да умрам.“

Пожарот, кој избувнал во преполн подрум со само еден излез и тесно скалиште, однесе најмалку 40 животи, додека 119 лица беа повредени, најголем дел од нив тешко. Според првичните информации на полицијата, огнот најверојатно бил предизвикан од запалување на пенаст материјал на таванот, поврзано со распрскување шампањ.

„Само мислев дека тоа можеа да бидат моите деца. Кој и да останал внатре, немал каде да избега. Беше стапица“, вели Камполо.

Идентификацијата на жртвите сè уште трае, бидејќи многу тела се тешко изгорени. Околу 50 повредени се или ќе бидат префрлени во специјализирани центри за изгореници низ Европа, додека дел од пациентите се наоѓаат во индуцирана кома и критична состојба.

„Сликите од оние што не успеав да ги спасам ќе ме прогонуваат до крајот на животот“, завршува Камполо.

FixCredit
Escape