Трагичен случај од Шкотска заврши со шестгодишна затворска казна за 28-годишната Кортни Гартшор, откако судот ја прогласи за виновна за смртта на нејзината тримесечна ќерка Далија-Роуз.
Трагедијата се случила на 30 септември 2023 година во Питерхед, на североистокот на Шкотска. Според она што било утврдено во судската постапка, мајката подолг период го изложувала бебето на топол воздух од фен за коса.
Интензивната и долготрајна топлина делувала врз главата и телото на девојчето, што на крајот довело до фатални последици.
Според обвинителството, најверојатната причина за смртта не биле изгореници, туку хипертермија и топлотен удар, како последица на прекумерното загревање на телото.
На судењето било наведено и дека Гартшор претходно консумирала алкохол и во моментот на трагедијата сама се грижела за тримесечното бебе.
Итната медицинска помош ја известила полицијата за смртта, по што била започната истрага. Гартшор била уапсена и обвинета во ноември 2023 година, а судот во Абердин подоцна ја прогласил за виновна.
При изрекувањето на шестгодишната затворска казна, судијата Сајмон Колинс го опишал случајот како исклучително вознемирувачки.
Судот утврдил дека мајката немала намера да ја повреди или убие својата ќерка, но оценил дека нејзиното постапување било крајно неодговорно и дека морала да забележи дека бебето трпи сериозни последици од топлината.
Гартшор сега има намера да поднесе жалба и на пресудата и на шестгодишната затворска казна, со што е започната жалбена постапка.










