Во селото Мршаќ, во близина на Краљево, се случи тешка сообраќајна несреќа која ја вознемири јавноста, откако две тинејџерки беа тешко повредени за време на крајно опасна и неодговорна „зимска забава“.
Според информациите, автомобил влечел санка на која се наоѓале две девојчиња на возраст од 16 и 17 години, додека по нив се движело друго возило кое го осветлувало патот. Инцидентот се случил на лизгав коловоз покриен со снег и мраз, што дополнително ја зголемило опасноста.
На снимката која кружи на социјалните мрежи се гледа како возачот одеднаш забрзува, по што тинејџерките губат рамнотежа и паѓаат од санкaта директно на патот. Возилото кое се движело зад нив не успеало навреме да застане и ги прегазило девојчињата.
По несреќата, двете повредени биле итно пренесени во болница со тешки телесни повреди. Нивната здравствена состојба засега не е официјално соопштена, но лекарите вложуваат максимални напори за нивно лекување.
Полицијата реагирала веднаш, а двајцата возачи биле уапсени. Станува збор за 19-годишниот Л. П., кој го управувал автомобилот што ја влечел санкaта, и 35-годишниот Ѓ. Ј., кој управувал со возилото што ги прегазило девојчињата. Против нив ќе следуваат соодветни кривични пријави.
Надлежните институции апелираат до граѓаните, особено до младите, да не учествуваат во вакви опасни активности, бидејќи ваквите „игри“ можат да завршат со трагични последици.
















