Од утре Македонија влегува во период на вистински зимски студ, со температури кои наутро ќе се спуштаат и до -14 степени. Управата за хидрометеоролошки работи најавува стабилно и суво време, но со исклучително студени утра и негативни температури низ целата земја.
Утре и во вторник, на повеќе места и дневните температури ќе останат под нулата, што ќе создаде чувство на силен мраз во текот на целиот ден. Од среда се очекува постепен пораст на дневните температури, но утринскиот студ ќе продолжи.
Во втората половина од седмицата, особено по котлините, ќе има услови за појава на магла, што дополнително може да ја отежне видливоста и сообраќајот. Времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а ќе дува слаб до умерен северозападен ветер.
Според најавите, до четврток утринските температури ќе се движат од -2 до дури -14 степени, додека дневните ќе бидат во интервал од -1 до 10 степени. Надлежните апелираат на внимателност, особено во раните утрински часови поради можност од мраз и голомразица.
















