Мобилната апликација „Мој ДДВ“ веќе неколку дена создава сериозни проблеми кај корисниците, предизвикувајќи револт и бројни реакции на социјалните мрежи.
Граѓаните масовно се жалат дека не можат да скенираат фискални сметки, а при обид за внесување најчесто се појавува известување дека апликацијата нема конекција со Управата за јавни приходи (УЈП).
Дополнителен гнев кај корисниците предизвикува фактот што на официјалната веб-страница нема никакво соопштение за причините за прекинот, ниту пак информација кога проблемот ќе биде надминат.
Во меѓувреме, социјалните мрежи се преплавени со коментари и обвинувања. Дел од граѓаните тврдат дека ваквите прекини се случуваат со месеци, поради што сметките застаруваат и не можат да се внесат, што директно им ја ускратува можноста за поврат на ДДВ.
„Често нема конекција, сметките застаруваат, исплатите каснат, а никој не дава објаснување. Ова не е ништо ново, истото се случува со месеци“, пишува еден корисник.
Други, пак, велат дека при обид да добијат одговор од институциите, наидуваат на молк и префрлање од канцеларија на канцеларија, без конкретна информација дали проблемот е технички и кога ќе се реши.
„Два дена апликацијата не работи. Се јавив, ме префрлаа, а на крај никој не одговара. Очигледно проблемот е општ, но никој не сака јавно да го признае“, стои во една од реакциите.
Засега, од надлежните институции нема официјална потврда што точно се случува со апликацијата, ниту дали корисниците ќе бидат обештетени за изгубените сметки.
















