ПРВ.мк
Црна Хроника

СКАНДАЛ ЈА ТРЕСЕ МАКЕДОНИЈА: Полицајка осомничена за кражба на злато и пари, раководител под истрага за полово вознемирување!

СКАНДАЛ ЈА ТРЕСЕ МАКЕДОНИЈА: Полицајка осомничена за кражба на злато и пари, раководител под истрага за полово вознемирување!

Кривични пријави за тешка кражба и полово вознемирување се поднесени против двајца полициски службеници вработени во Прифатниот центар за странци, кој функционира во рамките на Регионалниот центар за гранични работи „Север“.

Пријавите се поднесени од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Специјализираното одделение при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Ова одделение е надлежно за постапување по кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.

Според информациите од МВР, првопријавена е полицајката Б. Д., која работела во Прифатниот центар. Таа се сомничи дека на 28 септември 2026 година, за време на посета на центарот, од мајката на една привремено задржана жена одзела златен и сребрен прстен, како и 3.000 денари.

Како што се наведува во пријавата, полицајката ги пронашла предметите и парите при преглед на чантата на привремено задржаното лице, по што ги одзела.

Вториот пријавен е Б. М., кој работел како раководител на смена во истиот центар. Тој се сомничи за полово вознемирување на привремено задржана жена.

Според наводите на МВР, на 30 септември, додека ги извршувал работните задачи, раководителот влегол во просторијата во која била сместена жената. Притоа, наводно, преку вербални и физички постапки, како и преку електронска комуникација, преземал дејствија со сексуална содржина.

Со ваквото постапување, според пријавата, било повредено достоинството на жената, предизвикувајќи кај неа чувство на непријатност, навреденост, понижување и страв. Во пријавата се наведува дека осомничениот ја искористил нејзината подредена положба во центарот.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека против двајцата полициски службеници ќе биде поднесен предлог за поведување постапка за утврдување на нивната дисциплинска одговорност.

Дополнително, ќе биде побарано нивно отстранување од работните места до завршување на дисциплинската постапка, односно нивна суспензија.