Шестгодишно дете се здобило со тешки повреди во несреќа што се случила вчераутро на улицата „Киро Ристевски Дрнц“ во Тетово.
Од СВР Тетово информираат дека во 09:50 часот од Ургентниот центар било пријавено дека кај нив е донесено малолетно дете со сериозни повреди. Поради тежината на повредите, детето било итно пренесено на Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Според првичните сознанија на полицијата, несреќата се случила околу 08:30 часот. Таткото на детето, 42-годишниот В.С. од Тетово, управувал „Фолксваген Туарег“ без регистарски ознаки и се движел наназад.
Во тој момент, со задното тркало од возилото го прегазил својот шестгодишен син.
Полициска екипа извршила увид на местото на несреќата, а се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности.







