Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе Обвинителен акт против еден осомничен од Неготино поради тешки дела против општата сигурност, согласно член 292 став 2 во врска со член 288 став 2 од Кривичниот законик. Осомничениот, кој е сопственик и управител на правно лице, се товари и за предизвикување општа опасност по член 288 став 5 во врска со став 2, а одговорност се бара и од самото правно лице.
Според истрагата, трагичниот настан се случил на 21 јули 2021 година, за време на извршување на работи на сепарација на реката Вардар. Обвинетиот управител и неговата фирма не постапувале според прописите и мерките за заштита, го прекршиле Законот за работни односи и Законот за безбедност и здравје при работа, што резултирало со смрт на еден работник и тешки повреди на друг.
Без да склучи договор за вработување, управителот го ангажирал сега починатиот Петар Мицев, без воопшто да провери дали тој ги исполнува условите за работа или поседува соодветна возачка дозвола. На локацијата каде се изведувале работите, Мицев управувал тешко моторно возило – камион на сепарацијата, иако немал дозвола за тој тип возило.
На критичниот ден, Мицев превезувал песок од реката Вардар до сепарацијата кај местото викано „Пумпите“, а во камионот како совозач бил и друг работник. Возилото се движело по тесен, импровизиран насип од чакал, со текот на реката од двете страни. Во еден момент, камионот се превртел и паднал во Вардар.
Совозачот успеал да излезе низ прозорецот и да исплива на брегот, при што се здобил со телесни повреди, но возачот останал заробен под возилото и трагично починал на местото на несреќата.
Во текот на истрагата, обвинителството прибрало и докази против вработен во АД „Водостопанство на РСМ“ – Подружница Тиквеш-Кавадарци, кој, во својство на службено лице и оператор на главни испусти/затворачи, заверувал испратници со невистинита содржина. Поради тоа, против него е поднесено обвинение за продолжено кривично дело – Фалсификување службена исправа по член 361 став 1 од Кривичниот законик.
Овој случај уште еднаш ја отвора болната тема за небезбедните услови за работа и игнорирањето на законските прописи кои, за жал, повторно резултираа со загубен човечки живот.
Не дознавај последен- читај ПРВ.мк















