Македонската книжевна и културна сцена загуби едно од своите најпрепознатливи имиња. Почина писателот, поет, раскажувач и публицист Јован Павловски, во 89-тата година од животот, информираат од Друштвото на писателите на Македонија.
Павловски беше долгогодишен член на Друштво на писателите на Македонија, каде што остави силен белег и активно учествуваше во неговата работа. Во текот на својата кариера, тој во три наврати ја извршуваше функцијата претседател на оваа организација, придонесувајќи за развојот и афирмацијата на македонската литература.
Роден во 1937 година во Тетово, Павловски изгради богата и разновидна творечка биографија. Работел како новинар и уредник во „Нова Македонија“, а бил и дописник од Париз и Москва, со што стекнал значајно меѓународно новинарско искуство. Покрај тоа, предавал новинарство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Тој е автор на голем број поетски збирки, романи, раскази и книги за деца и млади. Меѓу неговите познати дела се „Август“, „Медеја“, „Идентитет“, „Строгоста на живеењето“ и други. Посебен придонес даде и преку енциклопедиски изданија посветени на македонската историја, уметност и култура.

Со своето богато творештво и долгогодишна јавна работа, Јован Павловски остави длабока трага во македонската литература и културниот живот, а неговото дело ќе продолжи да биде дел од националното културно наследство.









