Седумдесет и деветгодишна жена од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило на улицата „Јане Сандански“ во Охрид.
Од СВР Охрид информираат дека вчера, околу 10:55 часот, било пријавено дека патничко возило „Пежо“ со охридски регистарски ознаки удрило во М.Н. (79) од Скопје.
Со возилото управувал 52-годишниот Б.Х. од Охрид.
Во сообраќајната незгода, 79-годишната жена се здобила со тешки телесни повреди. Таа била пренесена во Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид, каде што повредите биле констатирани од страна на медицинскиот персонал.
На местото на несреќата бил извршен увид од увидна екипа на СВР Охрид.
При увидот било утврдено дека 52-годишниот возач го управувал автомобилот и покрај тоа што имал активна забрана за управување со моторно возило.
Полицијата информира дека по целосното документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.








