ПРВ.мк
Црна Хроника

ПОТРЕСНИ СЦЕНИ ОД ГЕВГЕЛИЈА: Погребана младата Билјана!

ПОТРЕСНИ СЦЕНИ ОД ГЕВГЕЛИЈА: Погребана младата Билјана!

На градските гробишта во Гевгелија денеска беше погребана 17-годишната Биљана Ќириќ, која го загуби животот во случајот на фемицид што се случи во Богданци. На последното испраќање присуствуваа блиски, пријатели и луѓе кои сакаа да ѝ оддадат почит на младата девојка.

Веста за нејзиното погребување ја објавија локалните медиуми, а особено трогателна посвета објави порталот „Гевгелија.Нет“, во која се опишува болката од загубата на девојката која требаше да има цел живот пред себе.

Во објавата се наведува дека Биљана била жртва на насилство од страна на нејзиниот 21-годишен партнер Виктор, од кого, како што пишува порталот, требало да добива љубов, грижа и заштита.

„Денес небото доби нов ангел. Во цутот на младоста, покосена од тој кој требаше да ја сака, чува и пази, нејзиниот партнер Виктор (21г.)“, се наведува во посветата на „Гевгелија.Нет“.

Особено болна била сцената на последното збогување, кога наместо да бидат покрај неа во училишните клупи, нејзините другарки ѝ испраќале последни пораки и проштални зборови.

Гробното место било исполнето со цвеќиња, пораки, панделки и писма од луѓе кои сакале да се простат од Биљана. Според описот на локалниот портал, имало толку многу цвеќиња и пораки што просторот не бил доволен да ги собере сите изрази на сочувство и болка.

Во емотивната посвета се потсетува дека 17-годишната девојка имала можност да продолжи да живее, да ја заврши средношколската етапа, да стане матурантка, да изгради семејство и да оствари бројни животни соништа. Наместо тоа, нејзината иднина била прекината во трагичниот настан во кој животот го загубила во запален автомобил.

„Можеше да живее, да биде матурантка, мајка, успешна жена. Но, насилникот имал друг план за неа. Ја претвори во пепел во автомобилот-клада“, се наведува во објавата.

Од „Гевгелија.Нет“ во посветата упатуваат и сериозно прашање за тоа дали можело навреме да се реагира и да се спречи насилството, со оглед на тоа што претходно постоеле пријави и биле изречени мерки за заштита.

Иако Виктор Гунтеров исто така беше пронајден мртов покрај запалениот автомобил, со што заврши и неговиот живот, тоа не ја намалува болката од загубата на младата девојка, ниту ги отстранува прашањата за пропустите и можностите за спречување на ваквите случаи.

Случајот повторно ја отвори темата за заштитата на жртвите од семејно и партнерско насилство, како и за потребата институциите навреме да реагираат кога постојат предупредувања дека нечија безбедност е загрозена.

„Почивај во мир, Биљана. Летај со ангелите! Некој претходно требаше да го запре пред да посегне по твојот живот. За да остане насмевката, за да остане сјајот во очите, за да има иднина младоста“, стои во завршницата на трогателната посвета.