Странски државјанин е лишен од слобода на граничниот премин „Табановце“, откако системот „Безбеден град“ регистрирал дека возел со повеќе од двојно поголема брзина од дозволената.
Според МВР, на 22 август во 17:53 часот, на излез од државата, полициски службеници извршиле проверка на патничко возило „Форд“ со полски регистарски ознаки, управувано од 46-годишниот М.Ј. од Полска.
При проверката преку системот „Безбеден град“ било утврдено дека тој е евидентиран како сторител на кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
Возачот се движел со 164 километри на час, на делница каде максимално дозволената брзина е 80 км/ч – односно ограничувањето го надминал за 84 км/ч.
М.Ј. бил лишен од слобода, а од МВР информираат дека против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.







