Со голема тага, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на социјалните мрежи ја соопшти веста за ненадејната смрт на Марјан Тасевски, помошник-директор на Царинската управа.
Во емотивната објава, министерката го опиша како исклучителен професионалец, скромен и посветен човек, кој до последен момент работел со голема одговорност и љубов кон својата работа.
„Неговото ненадејно заминување е голема загуба за институцијата и за сите нас кои го познававме. Ќе го паметам како тивок човек со свој став и достоинство, кој никогаш не отстапуваше од она што го сметаше за правилно,“ напиша таа.
Тасевски до пред една недела работел до доцна во ноќта на измените на Уредбата за спроведување на Царинскиот закон, а со месеци заедно со тимот вложувал напори за подобрување на работата на институцијата.
Министерката изрази искрено сочувство до семејството, истакнувајќи дека неговото заминување остава голема празнина, како професионална, така и човечка.